Хрватскиот фудбалер Лука Модриќ дефинитивно го напушта Реал Мадрид, потврди „кралскиот клуб“ на социјалните мрежи, но и Хрватот на Инстаграм со емотивно писмо.
Она што хрватските медиуми го објавија денес се оствари, Лука Модриќ повеќе не е играч на Реал Мадрид.
„Кралевскиот клуб“ го објави настанот објавувајќи фотографија со кратка порака:
„Ти благодарамe, Лука!“, пишува во објавата на официјалниот профил на Реал на социјалната мрежа „X“.
Поради оваа вест, и Лука Модриќ се огласи со објава на својот официјален профил, испраќајќи емотивно писмо до сите фанови, кое го транскрибираме во целост:
„Драги Мадридисти,
Времето дојде. Момент што никогаш не сакав да дојде, но таков е фудбалот, и сè во животот има почеток и крај.
Во сабота ќе го играм последниот натпревар на „Сантијаго Бернабеу“.
Дојдов во 2012 година со желба да го носам дресот на најдобриот клуб во светот и со амбиција да постигнам големи работи, но ова не можев да го замислам.
Играњето за Реал ми го промени животот, ме промени и како играч и како личност.
Горд сум што бев дел од тимот во една од најуспешните епохи во историјата на клубот. Сакам од срце да му се заблагодарам на клубот, особено на претседателот Флорентино Перез, моите соиграчи, тренерите и сите што ми помогнаа.
Доживеав неверојатни моменти во текот на овие години, некои пресврти што изгледаа невозможни, финалиња, прослави и магични ноќи на Бернабеу… Победивме сè и бев навистина среќен. Многу, многу среќен.
Но, пред сите титули и победи, во срцето ја носам љубовта кон навивачите на Реал Мадрид.
Навистина не знам како да ја објаснам врската што ја имам со вас, кои нè поддржувате, почитувате и сакате. Отсекогаш сум се чувствувал така. Никогаш нема да заборавам ниту еден аплауз, ниту еден гест на љубов што ми го упативте.
Заминувам со полно срце. Исполнет со гордост, благодарност и незаборавни спомени. Иако, по Светското клупско првенство, повеќе нема да бидам дел од клубот на теренот, засекогаш ќе бидам навивач на Реал Мадрид.
Ќе се видиме повторно. Реал Мадрид ќе биде мој дом до крајот на животот.
Да живее Мадрид и ништо друго“, рече Модриќ.