Поранешниот напаѓач на Баерн Минхен, Лука Тони вели сегашниот прв човек во нападот на „Алијанц арената“, Роберт Левандовски „како да живее во шестнаесетникот“ и предвидува дека Полјакот ќе го предводи тимот до нови титули.
Со двата гола при 4:0 победата над Келн во саботата, Левандовски има 9 гола во само пет лигашки настсапи во новата сезона, а стигна до својот 200. гол во сите натреварувања откако даде гол и при 3:0 победата над Црвена звезда во Лигата на шампионите. 31-годишниот Левандовски потпиша нов договор со Баварците до 2023 година и Тони признава дека е импресиониран.
„Тој е еден од најдобрите на светот. Толку многу ми се допаѓа бидејќи живее во шестнаесетникот и дава многу, многу голови. Многу е тешко да му најдете замерка. Понекогаш, можеби нема да постигне гол, но секогаш е корисен. Сигурен сум дека може да ги предводи Баерн до нови титули“, вели Тони.
Баерн има 3 победи и 2 ремија во првите пет кола и заостанува два поени зад РБ Лајпциг.
„Бундеслигата мора да биде лига со предизвик. во Италија Јувентус рано ја освои титулата, а истото честопати се случува и во Германија со Баерн. Се надевам дека ќе има два-три тима кои ќе ги предизвикаат Баерн“, вели Тони.