И покрај тоа што неговиот тренер Антонио Конте по крајот на сезоната во Серија А ги обвини сопствениците на тимот дека не ги штителе доволно своите играчи, Ромелу Лукаку е презадоволен по трансферот од Манчестер јунајтед.
Со 2:0 победата над Аталанта, „нераѕурите“ завршија само еден поен зад Јувентус на конечната табела, а Лукаку постигна 23 гола во 36 меча во Серија А по трансферот од 80 милиони евра од Јунајтед.
„Серија А заврши, но уште го градиме тимот и одиме во вистински правец. Благодарам на сите кои ми помогнаа оваа сезона. Моите соиграчи беа прекрасни и за нив ќе го дадам мојот максимум секој ден“, вели Белгиецот.
Интер освои 82 поени, со што се израмнија со славната генерација под Жозе Мурињо во 2009/10, кога ја освоија тројната титула (Серија А, Копа Италија и ЛШ), и ова е првпат да освојат повеќе од 79 поени без да освојат титула.