Манчестер јунајтед и Жозе Мурињо, конечно, го совладаа тимот на Челси, откако Ромелу Лукаку даде еден гол и намести уште еден за 2:1 победа над „Сините“ на сончевиот „Олд Трафорд“.
Вилијан по нешто повеќе од половина час игра ги замолчи домашните навивачи, носејќи предност за Челси и најавувајќи дека Мурињо повторно ќе биде поразен од својот поранешен клуб, но Лукаку само седум минути подоцна израмни со одличен погодок.
Лукаку беше и човекот на одлука во 75. минута, кога го пронајде Џеси Лингард во шестнаесетникот за одлична победа со која Јунајтед се зацврстува на второто место во Премиер лигата – со 13 поени помалку од лидерот Манчестер сити, но сега со шест поени пред петопласираниот Челси.
И покрај големиот број на критики кои ги претрпе белгискиот интернационалец Лукаку, тој очигледно ја оправдува довербата на Мурињо со 22 гола и 7 асистенции оваа сезона. Интересно вториот најдобар стрелец за Јунајтед по Лукаку е токму „супер-замената“, Лингард со 13 гола.