Преку ноќ во Мадрид осамнаа налепници по бандерите и објектите, поставени од туристи кои бараат карти за финалето на Лигата на шампионите. Натписите се истакнати во централниот дел на Мадрид, плоштадите и во близина на хотелите кај Аеродромот. Според префиксот на телефонскиот број (+33), навивачот доаѓа од Франција.
„Купувам билети за финалето од Лигата на шампионите. Добар буџет“, пишува на објавата.
Ова не е прв и единствен случај. Изминативе денови, низа од навивачи карти бараа да купат од препродавачи, шетајќи се низ центарот на Мадрид со натписи дека бараат билети.
Цените на билетите достигнуваат и до 10 илјади фунти, на само 24 часа пред финалето од Лигата на шампионите. Но, високите цени не се проблем за навивачите да купат влезници за натпреварот меѓу Ливерпул и Тотенхем од црниот пазар, односно, нелегални препродавачи.
Познавачите предупредуваат дека навивачите треба да биде внимателни, бидејќи, може да платат за фалсификувана карта.
Од Мадрид за Топспорт, Кристијан Ландов