Мајкл Овен стигна до респектибилното второ место во своето деби во трки на коњи на Аскот, со принцот Чарлс и војвотката од Корнвол на трибините.
Поранешниот фудбалер на Ливерпул, Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, вели дека вниманието кое го предизвика со трката наликува на настапите на СП во фудбал. На патеката каде „Браун пантер“, грлото кое го поседува и го одгледуваше победи во 2011 година, Овен со својот нов коњ „Калдер принс“ загуби од Том Четфилд-Робертс на глото „Голден вединг“.
„Бев изненаден колку беше брзо. Не знам како изгледаше за публиката, но мене ми беше пребрзо. Знаев дека сите ме гледаат да видат дали ќе паднам или ќе направам некоја глупост. Не сум експерт, но доста се подготвував и главната цел беше да бидам безбеден“, вели Овен.
Преку добротворните коњички трки, Овен собра над 10.000 фунти за добротворни цели и не отфрли можност повторно да учествува во некоја трка.
„Задоволен сум од целиот исход. Завршив безбедно, собрав доста пари за добротворни цели и научив нова дисциплина. Исто така имав шанса и да ослабам. Би било штета да престанам. Имам четири деца и не сакам да се повредам, но ваква шанса не добиваш често“, додаде Овен.