Федерико Македа вели дека не работел доволно во периодот додека бил играч на Манчестер јунајтед и дека жали за тоа во моментите кога Италијанецот настапува за тимот на Новара во Серија Б.
Македа замина од Лацио да дојде во младинскиот тим на „Олд Трафорд“ и имаше деби од соништата кога го постигна драматичниот гол за победа над Астон Вила во април 2009 година. Сер Алекс Фергусон му даде многу шанси, но набргу загуби надеж во него и тој замина во Кардиф во 2014 година. Во декември 2016 година тој потпиша за италијанскиот второлигаш Новара.
„Дали се каам? Само за едно нешто. Кога добив шанса во првиот тим на Манчестер јунајтед, требаше да работам трипати понапорно. Не го направив тоа, но научив многу од таа грешка. Ги советувам младите фудбалери да ги слушаат своите најблиски и да се опкружат со луѓе кои навистина ги сакаат. Морате да се фокусирате на тоа што можете да го направите на теренот, а не за тоа што кажуваат медиумите“, вели Македа во интервју за „Калчомеркато“.
26-годишниот Македа додава дека е среќен во Новара, каде што лани имаше 7 гола во 21 настап.
„Зошто Новара? Сакав да се вратам на фудбалот и да ја рестартирам кариерата во Италија. Имав и други понуди, но мислев дека Новара е место за мене. Го обновив договорот бидејќи ми се допаѓа тука, мојата сопруга се породи со првиот син тука и уживам во мирната атмосфера“, додава Македа.