Македонецот Влатко Андоновски, тренерот на НВСЛ тимот Рејн ФЦ е главен кандидат да стане нов тренер на светските шампиони во фудбал, женската репрезентација на САД.
Џил Елис си замина по освојувањето на титулата во Франција ова лето, и 42-годишниот Андоновски, кој ги предводеше Канзас сити до две лигашки титули во 2014 и 2015 пред тимот да престане да функционира и да се пресели во Рејн ФЦ, вели дека постои интерес за таа работа.
„Дали има некој кој не би бил заинтересиран да биде тренер на најдобрата репрезентација на светот? Пресреќен сум што сум еден од кандидатите за тоа место, но засега сум фокусиран на Рејн и на плеј-офот“, вели Андоновски.
Андоновски кој играше во Работнички, Македонија Ѓорче Петров и Вардар како фудбалер, од 2000 живее во САД каде што играше за Вичита вингс и Канзас Сити кометс, пред да почне да работи како помошник во женскиот тим на Канзас сити.
Во Рејн, тој е тренер на ѕвездата на американскиот фудбал, Меган Рапино, која вели дека тој е вистински човек за оваа позиција.
„Најдобрата работа за него е тактичката флексибилност и разбирањето на фудбалот. Не се обидува да игра само еден стил и да е тврдоглав. Сака да победува и знае да постави тактика“, вели Рапино.