Македонија ЃП побара од ФФМ да воведе ВАР технологија од Првата фудбалска лига. Ова доаѓа по вчерашниот пораз од Тиквеш (4:0), на кој ѓорчепетровци сметаат дека два гола се нерегуларни.
„ФК Македонија ЃП јавно бара од ФФМ воведување на ВАР!!
ВАР е веќе нормална пракса за сите држави од регионот – Грција, Бугарија, Албанија, Босна, Косово (косовска прва и втора лига).
Јавната судиска анализа на одиграните (отсудените) натпревари во Македонија не му носи ништо добро на македонскиот фудбал, а тимовите остануваат оштетени.
Нашето барање е јавно и пред сите љубители на фудбалот. Многу натпревари во лигата завршуваат со жалби за кои нема разрешница, па фер судењето се доведува во прашање!
Грешките се човечки и се случуваат, но само кога се исклучок, а не правило на секое коло. Живееме во тешко време на голема финансиска криза, па ваквите порази тешко се поднесуваат.
Честитки за ГФК Тиквеш на победата, срдечниот пречек на Лозарите и претседателот на клубот, Миле Масларков“, се вели во соопштението на Македонија ЃП.