Македонските претставници во Конференциската лига на Европа денеска ги играат реванш натпреварите од првото квалификациско коло. Сите три екипи, Македонија ЃП, Шкендија и Шкупи, со поинакви шанси, но со иста цел – да остварат успех и да се пласираат во следното коло.
Македонија ЃП редоследно прва ќе истрач на теренот и ќе се обиде да ја надомести негативата (0:1) против РФС Рига од првиот меч во Скопје. Избраниците на тренерот Горан Симов не беа инфериорни на првиот дуел, но пресуди поголемото искуство на противникот. Овој меч започнува од 17.30 часот.
Шкендија обезбеди минимална предност (1:0) против Хаверфордвест по првиот меч во Скопје. Сега тимот на Ардијан Нухиу ќе има задача да докаже дека е поквалитетен состав од противникот од Велс. Овој натпревар стартува од 20.45 часот.
Таков проблем нема Шкупи, со оглед на убедливиот триумф (0:5) против литванскиот Хегелман на првиот меч. Вечерва тимот од Чаир на арената „Тодор Проески“ ќе го игра реваншот, но речиси е сигурен патник во следното коло.