Top Sport

Македонија ја реши Словачка – живи се шансите за пласман во квалификации

Македонската машка кошаркарска репрезентација вечерва со убедливи 69-47 ја совлада селекцијата на Словачка во Скопје, во вториот меч од претквалификациите за Светското првенство 2023 година, со што остана во игра за едно од првите две места во групата што водат во следната фаза.

Избраниците на селекторот Драган Бајиќ се прикажаа во сосема поразлично светло за разлика од првиот дуел од групата „Ф“ каде загубија со 67-62 од селекцијата на Швајцарија.

Во македонскиот табор одлично функционираше шутот за три поени, а македонските репрезентативци посебно се истакнаа во последниот период од мечот кој им припадна со +18 поени (23-5).

Најпрецизен во победничката селекција беше Бојан Трајковски со 16 поени, имаше и осум скока. Го следеа Адем Мекиќ и Џејкоб Вајли со по 12 поени, додека Бојан Крстевски и Кристијан Николов мечот го завршија со по 10 поени.

Кај Словаците Бродзијански забележа 11 поени и 15 скока.

По првиот круг од турнирот сите три селекции имаат по една победа, а Македонија во моментов е лидер на табелата поради кош-разликата.

Утре е слободен ден на турнирот, по што следуваат нови три меча. Македонија во понеделник игра против должникот Швајцарија.
Фото: КФСМ

Scroll to Top