Top Sport

Македонија не издржа во Варшава, Полска се пласираше на ЕУРО 2020 (Видео)

Македонската фудбалска репрезентација вечерва загуби во Варшава од Полска 2-0 (0-0) во рамките на осмото квалификациско коло за пласман на ЕУРО 2020. Полјаците со оваа победа си обезбедија место на континенталниот шампионат.

Македонија немаше сила да и се спротивстави на Полска. Носени од 60.000 публика Полјаците во текот на целиот меч го контролираа ритамот на играта, а прашањето на победникот го решија во периодот од 74 до 80 минута.

Првиот дел мина во знакот на Полајците кои имаа само една сериозна шанса за гол. Зјелински во 17 минута ја погоди гредата од изгледна позиција. Имаа Полјаците до крајот на првиот дел уште неколку опасни напади но без сериозна закана кон Димитриевски.

Македонија добра можност имаше во 33 минута кога обидот на Алиоски го одбрани Шчешни.

Слично се одвиваше натпреварот и во вториот дел, Полска напаѓаше, а Макеоднија шансата ја чекаше преку контра-нападите.

Левандовски во 49 минута го затресе дирекот.

Клучни за конечниот исход се покажаа измените што ги направи полскиот селектор Брзичек. Франковски погоди во 74 минута, а на теренот влезе 30 секунди пред да го постигне голот.

Во 80 минута и вториот играч што влезе во игра постигна гол. Милик од 23 метри постигна брилијантен гол.

Во пресрет на последните две кола Полска има 19 бода, три повеќе од Австрија која победи во Словенија 1-0. Македонија и Полска останаа на 11 бода.

Македонија во ноември ќе гостува кај Австрија и ќе го пречека Израел.

Scroll to Top