Фудбалската репрезентација на Македонија, вечерва во Гент (20.45 часот) ќе и се спротивстави на Белгија во квалификациите за пласман на Светското првенство, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.
Македонија во Белгија дојде како првопласирана селекција во групата, на што селекторот Благоја Милевски е посебно горд.
Тој верува дека неговите избраници ќе го дадат најдоброто од себе.
„Можам да кажам дека сум горд на моите фудбалери, и тоа не само во овие квалификации, туку и во претходните години. Со настапот во Лигата на нации, со овој циклус, со речиси загарантиран плејоф. Тоа е изворот на енергијата што ни е потребна за да се движиме напред. Белгија има неверојатен ростер, тие се и понатаму фаворити во групата, но ние продолжуваме да сонуваме и не очекуваат решавачки натпревари. Ќе сториме се за да ја оствариме нашата цел. Имаме прекрасни момци, кои секогаш го даваат максимумот и се тука за Македонија”, изјави селекторот Милевски на прес-конференцијата пред натпреварот.
Вечерва, Македонија и Блегија ќе го одиграат шестиот меѓусебен дуел. Претходните дуели беа во квалификациите за пласман на Европското првенство во 1996 година и Светското првенство во 2014 година.
Белгија има три победи, два натпревари завршиле нерешено, првиот пред три децении, кога во Брисел Македонија одигра 1:1, со идентичен резултат заврпи и дуелот во Скопје одигран во јуни оваа година. Гол разликата е 10:2 во корист на Белгија.
Македонија со 11 поени од пет одиграни натпревари е лидер во Ј групата, Белгија има бод и натпревар помналку, Велс е на третото место со 10 поени (пет одиграни натпревари). Без шанси за пласман на Мундијалот се Казахстан (три бода) и Лихтенштајн (без бодови).
Foto/ ffm.mk