Top Sport

Македонија вечерва против Белгија и традицијата

Фото/ ffm.mk

Фудбалската репрезентација на Македонија, вечерва ќе ја пречека Белгија во квалификациите за пласман на Светското првенство, кое за 13 месеци ќе се одржува во САД, Канада и Мексико.

Македонија ќе го одигра третиот натпревар во Ј групата, додека Белгија во Скопје ги отвора квалификациите за пласман на Мундијалот.

Белгија не играше во март, бидејќи имаше обврски во Лигата на нации, а Македонија одигра два натпревари, победи кај Лихтенштајн и одигра нерешено со Велс.

„Мора да сме на својот максимум, па ќе видиме што ќе ни донесе тоа. Овој јунски период години наназад ни е проблематичен. Што се однесува до сегашната ситуација, мора да го смениме тој менталитет индивидуално и како тим. Тоа што го видов изминатите седум дена ми дава за право да бидам оптимист дека овој јуни ќе биде поинаков. Менталитетот на играчите е поинаков отколку досега, атмосферата и енергијата се одлични. Без оглед на повредите, во текот на овие денови имаме дополнителни проблеми. Под знак прашалник се Алими, Димоски и Трапановски, но се надевам дека ќе бидат способни да заиграат. Се надевам дека на физички план ќе бидеме поподготвени од минатото“, рече на прес конференцијата пред натпреварот, селекторот на Македонија Благоја Милевски.

На сите им е јасно дека Белгија е исклучително квалитетен тим, покрај тоа и традицијата не и оди во прилог на Македонија.

Вечерва, Македонија и Блегија ќе го одиграат петтиот меѓусебен дуел. Претходните дуели беа во квалификациите за пласман на Европското првенство во 1996 година и Светското првенство во 2014 година.

Белгија има три победи, еден натпревар завршил нерешено, првиот пред три децении, кога во Брисел Македонија одигра 1:1. Гол разликата е 9:1 во корист на Белгија.

Белгија во Скопје ја интересира само победата и ништо друго. Тоа го потврди селекторот Руди Гарсија, кој е пожали на временските прилики во главниот град на Македонија.

„Дојдовме да победиме. Го анализиравме противникот. Сите се спремни. Не чека тежок дуел,ќе влеземе без потценување. Македонија прави притисок и ги користи грешките на противникот. Македонија веќе има четири бода.За нас е необично што почнуваме од последната позиција на табелата. Македонија е силна, но ние ќе дадеме се од себе да победиме“.

Натпреварот ќе стартува во 20.45 часот, ќе го суди Англичанецот Кавана. По дуелот со Белгија, Македонија патува во Астана, каде на 9.јуни ќе игра против Казахстан.

Scroll to Top