Top Sport

„Максимир“ ќе замине во историјата

Најголемиот фудбалски стадион во Загреб, „Максимир“ наскоро ќе замине во историјата. Повикувајќи се на извори од УЕФА, новинарот Томислав Дасовиќ, објави дека Хрватска ќе гради нов стадион на местото на кое сега се наоѓа „Максимир“.

Дасовиќ беше гостин на УЕФА од каде ги пренесе впечатоците што челниците на таа организација ги имаат за „Максимир“, еден од најгрдите стадиони на кои се играше Лигата на шампионите во последните години.

Долго време се зборува за тоа дека домот на Динамо би можел да се реновира, а, според споменатиот новинар, тој план повеќе не постои.

„УЕФА има веродостојни информации дека Владата на Пленковиќ е навистина сериозна во врска со овој проект, штом се завршат законските процедури. Новиот стадион ќе има капацитет од 32.000 места за седење. Според желбата на Динамо во склоп на стадионот ќе биде изграден и хотел со четири ѕвезди. Подготовката на документацијата за овој проект треба да заврши до крајот на 2023 година, а градежните работи би можеле да започнат во 2024 година“, пишува Дасовиќ во својот текст објавен во „Вечерњи лист“.

Динамо и следната европска сезона ќе ја игра на нефункционалниот „Максимир“.

Во текстот се додава дека во тек е подготовка на документација за заменски проект, односно втор стадион чиј капацитет би бил 12.000 седишта и чија изградба би траела девет месеци.

Покрај двата стадиони, кампот на Фудбалскиот сојуз на Хрватска ќе биде изграден во Загреб, каде што би било новото седиште на Сојузот.

Инфраструктурниот проект би опфатил и нови стадиони во Шибеник, Задар и Копривница со по осум илјади седишта, како и поставување покриви на стадионите во Пула, Риека и Вараждин.

Исто така, Владата е подготвена да го финансира и реновирањето на стадионот „Пољуд“ во Сплит. Проценките се дека реновирањето на стадионите ќе чини околу 120 милиони евра, а во неа ќе учествува Фудбалскиот сојуз на Хрватска, односно УЕФА преку својата програма „Хеттрик“.

Scroll to Top