Паоло Малдини сакаше да ги разубеди навивачите на Милан дека тој и бордот на клубот работат на враќање на врвот во „прифатливо и разумно време“.
Малдини се врати во својот клуб минатата година откако не беше на никаков начин поврзан со „росонерите“ по пензионирањето во 2009 година, бидејќи американските газди „Елиот менаџмент“ го убедиле дека имаат план. Сепак, слабиот старт на сезоната и смената на тренерот Марко Џампаоло со Стефано Пиоли не донесоа многу надеж кај навивачите.
„Милан е во деликатен момент, но тоа е дел од растот на клубот. Промената на сопственичката структура го поткопа тимот, но исто така не очекувавме смена на тренерот оваа сезона. Сепак, ни требаше да направиме пресврт со искусен тренер, а ако почекавме, тогаш можевме да ја отпишеме сезоната. Патот е тежок и знам дека навивачите ја знаат ситуацијата и навикнат сум на критики. Тоа дали јас ќе останам во Милан не зависи од резултатите на клубот“, вели Малдини во интервју за „Скај спорт Италија“.
51-годишниот ветеран вели дека не е вистина дека тој бил во конфликт со претходниот сопственик на клубот, Силвио Берлускони.
„Секогаш ќе го сакам Силвио. Неговите шеги понекогаш знаат да го направат груб, но мојата љубов ќе остане. Тоа што работам тука со Звонимир Бобан значи дека нема да чекаме 10 години да се врати тимот на истото ниво. Нашето присуство треба да биде гаранција дека е можно враќање на врвот во прифатливо и разумно време“, додава Малдини.