Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе ги преиспита плановите за реорганизација на Лигата на шампионите. Причината е што повеќе клубови од среден ранг и навивачки групи сакаат да ги ограничат промените кои ги фаворизираат богатите клубови.
Од УЕФА за Асошиетед прес изјавиле дека нејзиниот Комитет за клупски натпреварувања ќе се состане на 10 мај. Комитетот дава формални предлози за одобрување до Извршниот одбор на УЕФА, кој ќе се состане во Виена истиот ден.
Навивачите и клубовите се загрижени бидејќи сметаат дека новите предлози може да им го отежнат натпреварувањето на повеќето клубови, во случај повеќе пари се насочат кон клубовите кои се натпреваруваат во Лигата на шампионите.
Меѓу нив се и гаранциите дека наместо досегашните шест ќе играат по минимум 10 натпревари во Лигата на шампионите, и давањето на две од четирите места за нови учесници на познати клубови врз основа на нивните „историски заслуги“, доколку според резултатите во националните шампионати не успеат да се квалификуваат.
Тие места со коефициентот вредат десетици милиони евра од наградниот фонд на УЕФА и се предвидени како награда за елитните тимови на кои ќе им се случи лоша сезона.
Промената беше поддржана од Асоцијацијата на европски клубови (ЕЦА), пред некои функционери на ЕЦА да ја напуштат УЕФА и да се обидат да ја основаат Суперлигата.
„Тоа предизвикува непријатност кај клубовите кои не се на самиот врв“, изјави оваа недела извршниот директор на Ајнтрахт Франкфурт, Аксел Хелман.
Тој рече дека клубовите работат заедно „за зајакнување на интересите на средната класа“.
Едно од четирите дополнителни места е резервирано за шампионот во домашната лига, а преостанатото место треба да му припадне на петтопласираниот од францускиот шампионат.
Против новите предлози се и две европски навивачки здруженија. Тие бараат УЕФА да ги преиспита своите одлуки пред форматите за натпреварувањата за сезоните 2024/2027 да им бидат предадени на радиодифузерите и спонзорите.
Во соопштението на групата навивачи се наведува дека дозволата клубовите да се квалификуваат по минатите заслуги е „против самиот принцип на спортски заслуги“.
Вкупниот приход на клупските натпреварувања на УЕФА е 3,5 милијарди евра, од кои две милијарди делат 32 учесници во Лигата на шампионите. ЕЦА предвидува зголемување од речиси 40 проценти во однос на предложените формати. Хелман рече дека повеќе пари треба да се пренасочат во Лигата на Европа и Лигата на конференции.
Тие натпреварувања треба да се прошират, но ќе имаат помалку натпревари од Лигата на шампионите.
Одлуката би можела да биде донесена на маргините на финалето од Лигата на шампионите, кое ќе се одржи на 28 мај во Париз.