Top Sport

Малком по деби-голот: Можам да дадам уште толку многу на Барса

Откако го постигна важниот гол за 1:1 ремито со Интер во вторникот, Бразилецот Малком прослави низ солзи и призна дека неговата самодоверба расне и дека има што да покаже за Каталонците, по слабиот старт на неговата кариера како фудбалер на Барселона.

Барселона го „грабна“ Малком пред „носот“ на Рома во еден од најизненадувачките трансфери во текот на летото, но слабата форма придонесе веднаш да се појават шпекулации дека тимот планира да го продаде уште во јануари. Малком вели дека не планира да си оди така бргу.

„Да, тоа беше многу важен гол за мене. Покрај тоа што помогнав на тимот во важен меч од Лигата на шампионите, тој дојде во вистинско време, кога многу ми требаше. Има лажни вести дека сакам да си заминам, но мислам дека мојата кариера во Барса само што почнува и имам многу да дадам на тимот“, вели Малком во интервју со порталот „Гол“.

Бразилецот вели дека жртвувал многу во својот живот за да стигне до највисокото ниво на модерниот фудбал и дека не се откажува предвреме.

„Сè што направив и сите болки на крајот се исплатеа. Сонував да станам професионален фудбалер, а потоа сонував да станам шампион со првиот клуб и да играм во Европа. Денеска сум во Барселона, со фантастични соиграчи и вредеше да се жртвувам“, додава Малком.

Фото: ЕПА

Scroll to Top