Пеп Гвардиола потрошил околу 1.700.000.000 евра на засилувања откако го презеде Манчестер Сити во летото 2016 година, но според информациите добиени од новинарот на Би-Би-Си, Сами Мокбел една од финансиски најмоќните организации во светот и клуб кој е во правен спор со, ни помалку, ни повеќе, Премиер лигата (поради обвинувања за кршење на многу правила во бизнисот) се откажа од трансферот на Флоријан Вирц затоа што Германецот е премногу скап.
Барем така вели Мокбел во веста објавена на британскиот јавен сервис под ознаката „ексклузивно“.
Тој додава дека на „Етихад“ процениле дека најбараниот фудбалер во Европа во 2025 година, на крајот, би можел да чини речиси 300 милиони евра, ако на потребната отштета за Баер од Леверкузен се додадат сите други трошоци, вклучувајќи ја и неговата плата во Англија.
Инаку, проценките се дека Леверкузен би можел да заработи 150 милиони евра од трансферот на својот најдобар фудбалер.
Во моментов, Баерн Минхен, Реал Мадрид, Ливерпул и Манчестер Сити наводно се борат за неговиот потпис, иако меѓу овие клубови Реал и Сити се издвојуваат како единствени кои историски платиле суми изразени во девет или повеќе цифри за засилувања (Еден Азар 120.000.000, Џек Грилиш 117.500.000, Џуд Белингам 113.000.000, Гарет Бејл 101.000.000).
Баерн и Ливерпул никогаш не го направиле тоа, или не досега.