Top Sport

Манчестер јунајтед имаат само седум достапни фудбалери, барање за прекин на сезоната

Мечот на Манчестер јунајтед против Брајтон во сабота е одложен откако „ѓаволите“ имале само 7 достапни фудбалери за мечот поради големиот број на позитивни случаи на корона вирусот, по што дел од британската јавност смета дека сезоната во Премиерлигата треба да биде прекината додека не се надмине проблемот.

Тимот на Ралф Рангник, веќе го имаше одложено гостувањето кај Брентфорд во вторникот откако го затворија тренинг-центарот во Керингтон, но потоа се јавија и дополнителни позитивни случаи, и од клубот тврдеа дека имаат само 7 достапни фудбалери. Давид де Хеа, Маркус Рашфорд, Фред и Алекс Телес беа четирите фудбалери кои тренираа денеска, пред центарот повторно да биде затворен.

Ова е петти премиерлигашки меч кој беше откажан по појавата на омикрон варијантата на вирусот, кој зарази десетина илјади во Велика Британија, но од Премиерлигата засега ги отфрлаат повиците за прекин на сезоната. Вечерва беше откажан мечот помеѓу Лестер и Тотенхем.

„Иако сфаќаме дека повеќе клубови имаат позитивни случаи, намерата на лигата е да се продолжи со сегашниот распоред каде што ќе биде дозволено. Здравјето и добросостојбата на сите во лигата останува нашиот приоритет“, вели денешната објава на Премиерлигата.

Според „ЕСПН“, повеќе клубови би сакале да дојде до сопирање на натпреварувањето барем до 8 јануари, до кога треба да се одиграат четири кола во Премиерлигата.

Scroll to Top