Манчестер јунајтед решиле да не ги искористат опциите да ги задржат Марсел Забицер и Вут Вегхорст, кои поминаа половина сезона на „Олд Трафорд“, јавува „Дејли мејл“.
Ова значи дека Забицер ќе се врати во Баерн Минхен, додека Вегхорст ќе остане играч на новиот премиерлигаш, Барнли, откако двајцата не се покажаа многу важни во тимот на Ерик Тен Хаг. Вегхорст не успеа да постигне гол во 17 меча во Премиерлигата и имаше само два гола вкупно во сите натпреварувања, додека Австриецот Забицер имаше добар почеток, но неговите перформанси и настапи се намалија во финишот на сезоната.
Според „Дејли мејл“, иако Тен Хаг имал симпатии кон двајцата фудбалери, смета дека клучно во летниот преоден рок ќе биде да се донесе нов напаѓач, со Виктор Осимен и Хери Кејн како први опции.