Манчестер јунајтед не планира да троши пари на засилувања во зимскиот преоден рок.
Причината лежи во тоа што американското семејство Глејзер сака да го продаде клубот, пренесува „Дејли мејл“.
Британскиот весник наведува дека претстојниот преоден рок ќе биде тажен за навивачите на „црвените ѓаволи“, откако Ливерпул вчера го грабна холандскиот фудбалер Коди Гакпо од Манчестер јунајтед, кој со месеци преговараше со тимот од „Олд Трафорд“.
„Сопствениците на Манчестер јунајтед не планираат никакви трошоци во јануари следната година, бидејќи планираат да го продадат клубот. Аврам Глејзер веќе разговарал со потенцијалните купувачи од Саудиска Арабија и Катар, кои се подготвени да понудат околу шест милијарди фунти за Манчестер јунајтед“, тврди „Дејли мејл“ и истакнува дека англискиот клуб би можел да добие нови сопственици во првиот квартал од следната година.
„Дејли мејл“, потсетува дека Манчестер јунајтед во ноември се раздели со Кристијано Роналдо, а во зимскиот преоден рок можел да донесе играчи само на позајмица.
Манчестер јунајтед моментално е петти на табелата во Премиер лигата со 26 бодови.