Манчестер јунајтед, откако ги засили крилните позиции во нападот со Матеуш Куња и Брајан Мбуемо, се пушти во потрага по класична „деветкс“. Клубот ќе се фокусира на ѕвездите на Астон Вила и Лајпциг, репрезентативците на Англија и Словенија, Оли Воткинс и Бенјамин Шешко.
Британските медиуми истакнуваат дека Воткинс и Шешко се на врвот на листата на желби на „Црвените ѓаволи“, доколку клубот од „Олд Трафорд“ одлучи да доведе напаѓач во летниот преоден рок.
Се наведува и дека челниците на Манчестер јунајтед се согласуваат дека клубот мора да се ослободи од неколку играчи, но се додава дека тоа можеби нема да се случи пред крајот на преодниот рок на 1 септември.
Астон Вила бара 60 милиони фунти за Воткинс, што е премногу за Манчестер јунајтед. Воткинс има договор со клубот од Бирмингем до 2028 година.
Би-Би-Си објави дека бројни европски клубови се заинтересирани за Шешко. Шешко одигра 45 натпревари во сите натпреварувања за Лајпциг минатата сезона и постигна 21 гол. Се претпоставува дека Лајпциг за него бара помеѓу 70 и 75 милиони евра.
Фото/ Принскрин