Иако се веруваше дека Манчестер јунајтед се најмногу заинтересирани за дефанзивецот на Наполи, Калиду Кулибали, според „Ла газета дело спорт“, нивните градски ривали, акутелните шампиони од Премиер лигата, Манчестер сити веќе дале понуда од 90 милиони евра.
Англискиот клуб ја одбрани титулата во Премиер лигата минатата сезона, но следната сезона ја започнуваат без долгогодишниот капитен Винсен Компани, кој неодамна стана тренер на Андерлехт, и остануваат со „дупка“ во одбраната.
Сенегалецот има уште четири години од договорот и „партенопеи“ одбиваа да го продадат во минатото и покрај големите понуди од Јуве, Јунајтед и Реал Мадрид. Сепак, италијанскиот весник тврди дека сега ситуацијата е сменета, бидејќи Наполи сакаат да ги донесат на „Сан Паоло“, Костас Манолас и Хамес Родригез, за што ќе бидат потребни средства.