Манчестер сити е исфрлен од европските купови во наредните две сезони, но како што коментираат правниците во Англија, оваа казна може да биде најмалиот проблем за „граѓаните“.
Поради кршење на правилата пропишани со финансискиот фер-плеј (ФФП) во периодот од 2012 до 2016 година УЕФА им изрече казна на „граѓаните“. Челниците на клубот најавија дека ќе ја обжалат оваа одлука пред Судот за спортска арбитража во Лозана.
Доколку не ја добијат УЕФА пред Лозана на Сити ќе му претстои тешка борба на домашен терен.
Веќе се шпекулира со казна која може на клубот да му ја одземе титулата освоена во 2014 година, но и клубот да биде кривично гонет.
Експертот за финансии Мо Чатра појаснил за што станува збор.
„Се заборава на членот 17 од Законот за измама донесен во 1968 година. Доколку се докаже дека Сити се виновни за фалсификување на финансиските извештаи, тогаш има основ за кривична одговорност. Сето тоа ќе има најмала врска со фудбалот“, рекол тој.
Чатра сака да каже дека кога станува збор за фалсификување на финансиските извештаи случајот го преземаат државните обвинители, а во истрагата се вклучуваат и даночните инспектори.
Во тој случај клубот не би можел да ја избегне преселбата во понизок ранг, односно се би се претворило во англиска варијанта на „Калчопили“.
Фудбалската асоцијација на Англија веќе започнала истрага за начинот на кој Сити во 2012 година ги дуплирале приходите. Тоа се случило непосредно пред правилникот на УЕФА за ФФП да започне да се применува.