Top Sport

Манчестер сити на 90 минути до титулата по „мајсторијата“ на Компани (видео)

Манчестер сити се намачи, но стигна до 1:0 победа над Лестер сити на „Етихад“ благодарение на фантастичниот гол на капитенот Винсен Компани, за да направи уште еден огромен чекор кон одбраната на титулата.

Со победата, „четата“ на Пеп Гвардиола се врати на првото место во Премиер лигата со 95 поени, еден повеќе од Ливерпул и пред нив е само уште неделното гостување кај Брајтон (кои веќе обезбедија опстанок), каде што со сигурна победа го „грабаат“ трофејот. Ливерпул, пак, дома ќе ги пречека Вулверхемптон со надеж дека тие ќе „кикснат“.

Лестер, тимот на поранешниот менаџер на „црвените“,  Брендан Роџерс, успешно ги фрустрираше фудбалерите и навивачите на Сити во 70 минути, а посебно се истакна Каспер Шмајхел, кој неколку пати спасуваше сигурен гол.

Меѓутоа, Данецот не можеше да направи ништо, кога Белгиецот Компани упати фантастичен удар во горниот десен агол од дваесетина метри, гол кој на крајот може да се покаже дека е клучен за титулата.

Scroll to Top