Поранешниот менаџер на Селтик, Рони Деила тврди дека Манчестер сити пропуштиле огромна шанса за малку пари да потпишат договор со Виргил ван Дајк и покрај тоа што тој самиот ги советувал.
Холанѓанецот пристигна во Велика Британија во Глазгов, каде што помина две сезони со Селтик, пред Саутемптон да го донесат во Премиер лигата. Две и пол години подоцна, Ван Дајк ќе биде блиску до Сити, но тие ќе ја загубат трката со Ливерпул, кои за рекордни 75 милиони фунти го направија тогаш најскап дефанзивец на светот.
Норвежанецот Деила, кој сега е главен тренер на Њујорк сити вели дека никој кај „граѓаните“ не го послушал.
„Дали контактирав со Сити? Секако, им кажав мора да го земете. Тие сакаа да го видат најдобриот европски натпревар кој го одиграл и навистина не знаев што да им кажам, бидејќи тој немаше најдобри европски мечеви. Во Шкотска беше доминантен, но кога игравме со Интер доби црвен картон. Големите клубови во Англија мислат дека фудбалот во Шкотска е премногу неквалитетен и дека мора да играте во Европа за да се докажете“, вели Деила.
Ван Дајк, дефинитивно, подоцна се покажа и во европските натпревари, предводејќи ги лани Ливерпул до трофејот од Лигата на шампионите и од УЕФА Суперкупот. Тој сега е капитен на холандската репрезентација.