Top Sport

Манчини со предизвик за Балотели: Ајде врати се во репрезентацијата

Италијанскиот селектор Роберто Манчини инсистира дека Марио Балотели останува во неговите планови за „аѕурите“, но инсистира дека новиот напаѓач на Марсеј треба да се докаже за да се врати во националниот дрес.

Оваа сезона беше многу турбулентна за Балотели, дури и за неговите стандарди, откако тренерот на Ница, Патрик Виера се откажа од обидите да го дисциплинира пред минатиот месец тој да замине на „Велодром“.

28-годишниот Балотели се врати по подолга пауза во италијанската репрезентација, постигнувајќи гол во пријателскиот меч со Саудиска Арабија лани, но од септември го нема во составот. Тој постигна гол во последниот меч за Марсеј против Лил и Манчини е отворен за соработка.

„Не сме го загубиле од плановите. Марио е дел од групата. Тој го знае тоа и знае дека неговиот влез во репрезентацијата зависи од него, а не од мене. Засега, игра малку, а во неделата го одигра само вториот меч по неколку месеци. Но, ако дава голови постојано, можеби ќе се врати“, вели Манчини.

Селекторот во составот го врати 36-годишниот напаѓач на Сампдорија, Фабио Кваљарела, кој минатиот месец израмни рекорд во Серија А со гол во 11 меча едноподруго. Кваљарела има 16 гола оваа сезона во Серија А.

„Годините немаат врска, Фабио заслужува да е во тимот со тоа што е еден од најдобрите стрелци во Серија А. Секогаш бил силен фудбалер, но сите знаеме дека тој не е иднината на овој тим. Сепак, шансата е тука“, додава Манчини.

Scroll to Top