Италијанскиот селектор, Роберто Манчини смета дека Марио Балотели го троши својот талент, но смета дека има доволно време да ја „сврти“ кариерата.
Се очекува дека 29-годишниот Супер-Марио наскоро ќе замине од Бреша, откако влезе во конфликт со тимот кој го врати во Серија А и дури не му беше дозволено да влезе во просториите на клубот. Бреша е трет клуб во три години за Балотели, кој последен пат играше за италијанската репрезентација во 2018 година, но секогаш ја имал поддршката на Манчини.
„Се грижам за него, без разлика на работите кои што ги прави. Го тренирав кога беше уште дете, и беше фантастичен многу години. Се надевам дека ќе направи нешто да го смени тоа што го прави сега, бидејќи сега е време кога треба да биде на врвот на фудбалската зрелост. Се надевам дека ќе се разбуди и ќе сфати дека го фрла талентот. Многу пати му го објаснив тоа, бидејќи има неверојатен потенцијал“, вели Манчини во интервју за „РАИ спорт“.