Напаѓачот на Јувентус и на хрватската репрезентација, Марио Манџукиќ вели дека тој и неговите соиграчи не се уморни за полуфиналето против Англија и покрај тоа што одиграа два натпревари од по 120 минути, победувајќи ги Данска и Русија на пенали.
Хрватите пристигнаа во Москва во неделата попладне, по што го одржаа првиот тренинг, и Манџукиќ вели дека нема време за одмор.
„Сите сме подготвени да играме уште денеска, се работи за полуфинале и никој нема да се жали на умор. Подготвени сме за натпреварот. Како стигнавме дотука? Далиќ е едноставен со нас, разговара отворено. Смирен е и тоа влијае на нас. Не фантазиравме за вакво големо нешто, не фантазираме ни за финалето сега. Лука Модриќ е нашиот капитен и го знам долго време. Ако стигнеме до титулата, тој ќе мора да ја добие ’златната топка’“, изјави Манџукиќ.
Дали овој успех може да се спореди со освојувањето на Лигата на шампионите?
„Ништо не се споредува со чувството кога играш за репрезентацијата. Тоа е нешто посебно. Чувствата се соема различни. Најголемиот притисок беше против Данска во осминафиналето, сега е полесно и уживаме во моментов. Кога ќе добиеме инфо за тоа како слават нашите навивачи, добиваме уште поголема мотивација“, вели популарниот Манџо.
Фото: ЕПА