Легендарниот аргентински фудбалер Диего Марадона призна дека „го болела душата“ што му ја предаде наградата на ФИФА за најдобар играч на светот на Кристијано Роналдо, а не на сонародникот Лионел Меси.
Роналдо втора година едноподруго ја доби наградата, победувајќи го Меси и Нејмар во изборот на светската федерација, а честа да му ја предадат наградата ја добија Марадона и поранешната бразилска ѕвезда Роналдо.
„Да се даде наградата за најдобар на Роналдо, а не на Меси ми донесе болка во душата“, вели Марадона.
Постоеја шпекулации дека Марадона и Меси немаат најдобри односи, откако големиот Марадона го критикуваше сонародникот дека „му недостасува личност да биде лидер“ додека го носи аргентинскиот дрес.
Аргентина и Меси загубија три финалиња на големите натпреварувања за три години – СП во 2014 против Германија, Копа Америка во 2015 против Чиле и Копа Америка во 2016, повторно против Чиле. Марадона ја предводеше Аргентина до титулата од СП во 1986 година, и не беше поканет на свадбата на Меси ова лето.
„Среќавањето со Меси беше фантастично. Зборувавме малку и постојано меѓу нас има љубов и почитување“, додаде Марадона.