Top Sport

Марадона поради здравствени причини се повлече од Дорадос

Диего Марадона веќе не е тренер на мексиканскиот клуб Дорадос, објавувајќи дека мора да оди на операција на рамото и коленото.

58-годишната легенда на аргентинскиот фудбал го презеде Дорадос минатиот септември, кога тимот беше блиску до последното место на табелата во втората мексиканска лига, пред двапати да ги однесе до мечеви за влез во првата лига во 2018 и 2019, но на крајот сепак не успеа.

„Диего Марадона не продолжува како главен тренер на Дорадос. Тој реши да го посвети времето на средувањето на неговото здравје и ќе има две операции, на рамото и на коленото“, изјави претседателот на клубот, Матијас Морла.

Во јануари оваа година, Марадона беше примен во болница во Буенос Аирес поради крварење во стомакот, неколку дена пред да се врати за стартот на втората сезона со Дорадос. Неговиот хирург, Херман Очоа неодамна изјави дека Марадона нема ’рскавица во своето колено поради остеоартритис и му е потребна итна операција.

Scroll to Top