Top Sport

Марадона се извини за пурата, но не и за наводниот расизам

Аргентинската фудбалска легенда Диего Марадона демантираше дека направил расистички потег кон фановите од Јужна Кореја во мечот Аргентина-Исланд, но призна дека пушел пура кога тоа не било дозволено.

Новинарката на „Би-би-си“, Џеки Оутли преку Твитер извести дека освојувачот на Светската титула од 1986 година ги поздравил своите фанови од Јужна Кореја со закосување на очите на стадионот „Спартак“ во Москва, но тој вели дека само се заблагодарувал на поддршката.

„Разбирам дека на Светското првенство луѓето бараат приказни насекаде, но тоа не е оправдување. На стадионот бев пречекан од неколку фанови, од кои едно азиско момче носеше аргентински дрес. Јас од далеку се обидов да им кажам колку е убаво што дури и Азијците навиваат за нас. И тоа е сѐ“, напиша Марадона на Фејсбук.

Околу контроверзите за пушењето пура на стадионот каде што пушењето е забрането, Марадона вели дека не знаел дека е така.

„Искрено не знаев дека не смее да се пуши на стадионите. Се извинувам на организаторите“, додаде Марадона.

Scroll to Top