Диего Марадона не се согласува дека актуелниот вршител на должноста, селектор на фудбалската репрезентација на Аргентина, Лионел Скалони, има капацитет да го води националниот тим.
Скалони, како привремено решение е назначен на оваа функција по Светското првенство во Русија, каде „гаучосите“ имаа скромен настап.
„Во Аргентина денес го имаме тоа ново момче Скалони. Повторувам, тој не е виновен што се наоѓа тука. Скалони е истурен пион. Проблем е што ќе умисли дека е голем тренер и ќе им каже на сите дека сака да ја води Аргентина на Светско првенство. Не пријателе, ти можеѓ да ја водиш Аргентина само на Светско првенство во мотоциклизам. Таму кај нас во Аргентина толку лошо се однесуваме кон фудбалот, едноставно се изгубивме. Имаме великани какви што се Меноти, Гарека, Алфаро, Гаљардо, Мелизо, Гиљермо…а ние го најдовме Скалони да биде селектор“, рекол Марадона.
Аргентина под водство на Скалони има четири победи, реми и пораз, на шестте одиграни натпревари. Тој успеа да направи реконструкција во репрезентацијата, сериозни улоги добија Паоло Дибала и Мауро Икарди, а не ги повикал досега Серхио Агуеро и Гонзало Игуаин.
Нејасен е само статусот на Лионел Меси, кој наводно се повлекол од репрезентацијата.