Диего Армандо Марадона пред 34 години со два гола ја урна Англија во четврт-финалето на Светското првенство во Мексико. Двата гола влегоа во фудбалската историја, првиот е наречен „Божја рака“, а вториот е ремек дело, славниот Аргентинец претрча 50 метри, мина неколку противнички играчи и ја смести топката во голот.
Првиот гол е еден од најконтроверзните во историјата на фудбалот. Марадона со рака го совлада Питер Шилтон, судијата од Тунис Бин Насер и неговите помошници не го видоа тоа.
„Скокнав, но тоа не беше доволно, кога ми текна да ја удрам топката со рака. Јасно ми беше дека нема шанси да ја удрам со глава, поради тоа ја искористив раката. Кога ја удрив не знаев каде е топката, а дури потоа ја видов во мрежата , веднаш започнав да се радувам. Прв ми пријде Чеко и ме праша дали постигнав гол со рака. Му кажав да молчи и да ме прегрне. Со исто прашање ми пријде и Валдано и тој го доби истиот одговор“, раскажува Марадона.
„Неколку пати досега сум се сретнал со судијата од тој натпревар. Тој тврди дека виновен бил помошникот кој му сигнализирал дека сѐ е чисто. Не се виновни судиите на стадионот имаше 80.000 луѓе, никој од нив не го виде тоа“.
Четири минути по тој гол Марадона постигна уште еден, ја однесе Аргентина во полу-финалето, а подоцна ја предводеше до светската титула.