Top Sport

Марчињак сепак ќе го суди финалето во Истанбул

Полскиот судија Шимон Марчињак сепак ќе го суди финалето меѓу Интер и Манчестер сити, во Лигата на шампионите. УЕФА му „прогледа низ прсти“ на Марчињак, откако тој на 29 мај, во Катовице, се појави како говорник на собирот на десничарското движење „Конфедерација“.

Оганизација „Конфедерација“ е позната по своите ксенофобични, расистички, хомофобични и антисемитски настапи, а невладините организации веднаш ја известиле УЕФА дека на собирот бил присутен и Марчињак.

Против него беше покрената постапка, а тој испрати писмо до Нион во кое се покаја за грешката.

„Не знаев дека собирот е поврзан со полското екстремно десничарско движење. Да бев свесен за тој факт, категорично ќе ја одбив поканата. Важно е да се разбере дека вредностите што ги промовира тоа движење се во целосна спротивност со моите лични убедувања и принципи до кои се држев цел живот“, се вели меѓу другото во писмото на Марчињак.

УЕФА на својата веб-страница ја објави одлуката дека Полјакот ќе го води финалето на Лигата на шампионите, со образложение:

„По изјавата на Марчињак, УЕФА смета дека извинувањето и објаснувањата се искрени. УЕФА, исто така, контактираше со организацијата „Никогаш повторно“ поврзана со мрежата ФАРЕ, која најпрво изрази загриженост за вмешаноста на Марчинијак во спорните настани. Тие бараа Марчињак да остане да го суди финалето на Лигата на шампионите, сметајќи дека неговата смена само ќе поттикне промоција на антидискриминаторски ставови.

„Врз основа на сите информации, УЕФА потврдува дека Шимон Марчинијак ќе остане да ги извршува должностите главен судија во финалето на Лигата на шампионите“, соопшти УЕФА.

Scroll to Top