Top Sport

Маркус Рашфорд е пред портите на Барселона

Шпанските медиуми објавуваат вести за нов потенцијално голем трансфер од Барселона. Матео Морето, новинар на „Релево“, тврди дека каталонскиот гигант силно го сакаат Маркус Рашфорд, 27-годишниот напаѓач на Манчестер јунајтед, кој ја помина втората половина од сезоната на позајмица во Астон Вила.

„И тренерот Ханси Флик и спортскиот директор Деко го ценат, а Барселона веќе еднаш сакаше да го доведе. Тој сè уште е на нивниот радар“, пишува Морето.

Во јануари имаше гласини за доаѓањето на Рашфорд во Барселона, но тој сепак заврши на позајмица во Астон Вила. Постигна четири гола и имаше шест асистенции во дресот на Вила, но го пропушти финишот од сезоната поради повреда.

Планот на Јунајтед е да го продаде Рашфорд бидејќи менаџерот, Рубен Аморим не смета на него.

Португалскиот тренер се стреми да го преобликува својот играчки кадар ова лето и секој приход од трансфери што може да се генерира со продажба на несакани ѕвезди, како што се Рашфорд и Антони, кој исто така доживеа ренесанса далеку од „Олд Трафорд“, би бил добредојден за клубот. Рашфорд има договор со Јунајтед до 2028 година.

Тој одигра 426 пати за Јунајтед и постигна 138 гола. Одигра 62 натпревари за Англија и постигна 17 гола.

Навивачите на Јунајтед многу го критикуваат во последните две сезони. Клубот постојано потфрла во однос на резултатите, а тој, како носител, е означен како еден од главните виновници.

Англичаните проценуваат дека Јунајтед би можел да побара околу 50 милиони евра за него, колку што вреди според „Трансфермаркт“.

Scroll to Top