Top Sport

Марота: Чекаме да видиме што ќе направи Барселона за Лаутаро

Директорот на Интер, Бепе Марота признава дека тој и клубот „чекаат да видат што ќе направи Барселона“ околу клаузулата на Лаутаро Мартинез, додаде дека не е јасно што ќе се случи со Сандро Тонали и Раџа Наинголан, и посочи дека „сите“ се среќни што Мауро Икарди веќе не е член на „нераѕурите“.

Во интервју за „Скај спорт Италија“, Марота зборуваше за една од најголемите шпекулации пред летниот преоден рок дека Барселона е подготвена да ја плати клаузулата од 111 милиони евра за Лаутаро.

„Постои клаузула во договорот на Лаутаро која завршува на 7 јули. Ние чекаме да видиме што ќе направи Барселона, а потоа ќе се сретнеме со него. Најважно е во моментов тој да придонесе за нашиот клуб и да ги оствариме целите“, вели Марота.

Околу фудбалерот од средниот ред на Бреша, Тонали, за кој се верува дека Интер е главен фаворит и можното враќање на Наинголан од Каљари, каде што е на позајмица, Марота беше внимателен.

„Сакаме да направиме микс помеѓу младите фудбалери, пожелно Италијанци, и поискусни фудбалери. Не можете да победувате само со таленти, тоа е јасно. Не го одговорив прашањето за Тонали? Токму така! Наинголан од друга страна е наш ресурс. Кога ќе заврши позајмицата со Каљари ќе се врати и ќе разговараме за иднината“, вели Марота.

Scroll to Top