Кристијано Роналдо самиот ги започнал преговорите со Јувентус за шокантниот трансфер од Реал Мадрид, тврди извршниот директор на италијанскиот гигант, Џузепе Марота.
33-годишниот Португалец се приклучи вчера официјално на шампионот на Италија во договор вреден 112 милиони евра, потпишувајќи четиригодишен договор со кој ќе заработува околу 30 милиони евра по сезона.
Јуве веќе имаа историја со Роналдо, откако кога тој имаше 18 години се обидоа да го донесат во Торино, но тој реши да потпише за Манчестер јунајтед, каде што стана ѕвезда, пред да замине во Реал Мадрид. Овојпат, Португалецот, ги започнал преговорите, откако неговиот агент Жорге Мендеш бил во Италија за преговорите за трансферот на сонародникот Жоао Кансело, по што се случил првиот контакт.
„Среќе сум од оствареното. Вистинските актери во овој договор се самиот фудбалер и акционерите на Јувентус. Кристијано Роналдо прв веруваше во нас, прв побара разговори. Тој го избра Јуве и ни беше јасно дека мораме да ја оствариме шансата. Акционерите го подржаа договорот и така заврши. Сѐ започна кога зборувавме со Жоао Кансело, кој има ист агент како Роналдо“, изјави Марота за „Кориере дела сера“.
Трансферот на Роналдо сигурно носи огромна возбуда кај сите фанови на Јувентус, но и во целиот свет. Алесандро дел Пјеро најави дека сега Јувентус мора да оди на титула од Лигата на шампионите, а се јави и бразилската легенда Пеле со изјава дека се работи за „вистинскиот потег“.
Фото: ЕПА