Младата бразилска ѕвезда на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор признава дека добил предупредување од својот сонародник Марсело за животот во Реал Мадрид со зборовите: „Еден ден си Пеле, а следниот ден си на клупата“.
Талентот го дозна тоа на совршен начин, откако и покрај пофалбите не добива многу минути на „Бернабеу“. Тој пристигна во Мадрид од Фламенго летото 2018 со голема репутација и за одлични 46 милиони евра, но дозна дека навивачите на Реал се со „краток фитил“ и дека немаат многу трпение.
„Марсело веќе ме предупреди: Тука еден ден си Пеле, а следниот ден си на клупата. Да, изгледам смирено, но внатре сум нервозен. На моето деби со Фламенго бев исплашен и не сакав да ја допрам топката. Сега се навикнувам“, вели 19-годишниот Винисиус.
Тој има 15 настапи за Реал оваа сезона и вели дека му одговара да игра под притисок.
„Тоа нема да ме натера да го загубам задоволството од играње фудбал. Оставам работите да се случуваат природно“, додава Винисиус.