Реал Мадрид денеска ја освои 35. шампионска титула. Со победата од 4-0 над Еспањол, мадридскиот великан ја обезбеди титулата на четири кола пред крајот. Покрај титулата Реал го доби и најтрофејниот фудбалер во клупската историја, Бразилецот Марсело Виеира (32). Легендарниот лев бек дојде до 24. титула во дресот на „Лос Бланкос“.
Марсело го „скокна“ на вечната листа Пако Хенто со кого до денес го делеше првото место. На третото место е Серхио Рамос со 22 трофеи, на четвртото Карим Бензема со 21 титула, а на петтото место е Лука Модриќ со 18 трофеи.
Марсело пристигна во Реал во јануари 2007 година од бразилски Флуминенсе за 6,5 милиони евра.
Оваа сезона Марсело не беше стандарден кај Карло Анчелоти. Настапи на 17 натпревари, односно вкупно одигра 791 минута.
Неговиот договор истекува на крајот од сезоната. Кариерата треба да ја продолжи во Бразил. За Реал одигра 545 натпревари и постигна 38 гола. За бразилската репрезентација одигра 58 натпревари од 2006 до 2018 година и постигна шест гола.