Легендарниот Бразилец Марсело ја заврши својата блескава кариера три месеци пред својот 37 роденден. Легендата на Реал Мадрид, со овој клуб освои 25 трофеи за 15 години. Негов поледен клуб во кариерата беше Флуминенсе, со кого го освои Копа Либертадорес.
Сепак, Марсело пред се е симбол на Реал Мадрид, за кој одигра 546 натпревари од 2007 до 2022 година. Тој беше прв капитен странец на „кралскиот клуб“ од 1904 година.
Марсело освои се со Реал Мадрид, а меѓу освоените трофеи се и пет ЛШ и шест шпански титули. Неодамна според бројот на освоени трофеи во дресот на Реал го престигнаа Начо и Лука Модриќ, а сега хрватскиот репрезентативец е осамен на вечната листа.
„Отсекогаш сум играл со многу добри играчи. За мене најдобар беше Роналдињо, со кој играв во репрезентацијата, но бев многу импресиониран и од Иско. Тони Крос и Модриќ беа извонредни, но Иско секогаше знаеше да ме импресионира“, рече Марсело во интервју за „Хормигуеро“.
На крајот откри дека не се гледа себеси како тренер, а за кариерата заклучи: „Во фудбалот постигнав се што сакав. Немав сериозни повреди, играв за најдобриот клуб во светот, но доаѓа момент кога ти требаат различни работи и нови предизвици“.
Роналдињо одигра 97 натпревари за Бразил од 1999 до 2013 година и постигна 33 гола. Тој ја освои Копа Америка со националниот тим во 1999 година и Светското првенство три години подоцна. Тој се пензионираше во 2015 година како играч на Флуминенсе, а играше и за Гремио, ПСЖ, Барселона, Милан, Фламенго, Атлетико Минеиро и Керетаро.
Во Барселона го носеше бројот десет, а во 2006 година ја доби „Златната топка“.