Поранешниот фудбалер на Интер, Марко Матераци во видео-порака до поранешниот соиграч, а сега тренер на Црвена звезда, Дејан Станковиќ апелираше Србите да не ја прават истата грешка како Италијанците и да ги почитуваат правилата за карантин.
„Чао, Деки, брате. Го праќам овој повик бидејќи е многу важен, бидејќи ние Италијанците многу згрешивме и не слушавме сериозно што ни кажува владата. Сите правевме што сакавме, некој шеташе, некој беше надвор со друштво, и тоа беше голема грешка. Ако сакате кризата да трае 15 или 20 дена, тогаш правете како што ќе ви кажат. Ние не успеавме да го направиме тоа“, изјави Матераци.
Оваа порака дојде откако Станковиќ, кој повеќе од 20 години живееше во Италија, ги повика своите сограѓани сериозно да ја сфатат ситуацијата, посочиувајќи дека неговата сопруга и синот уште се таму.
„Секојдневно сум во контакт со сопругата Ана и синот Филип кои останаа во Милано. Знаете дека Италија е во најлошата криза по Втората светска војна и затоа сфатете ги пораките сериозно, поправете ги тие кои грешат. Тоа што се случува во Италија не може да се опише со зборови. Девет од 10 луѓе кои ќе умрат воопшто не стигнуваат до болница“, изјави Станковиќ.