Фудбалерот на Манчестер Јунајтед и репрезентацијата на Србија, Немања Матиќ, има големи очекувања од наредната сезона. Јунајтед покрај во Премиер лигата ќе играат и во Лигата на шампионите.
„Црвените ѓаволи“ одлично играа во вториот дел од сезоната, односно по паузата поради коронавирусот. Сезоната ја завршија со серија од 14 натпревари без пораз, што резултираше со пласман во Лигата на шампионите.
„Би сакал да ја освојам титулата со Јунајтед. Мислам дека ваков клуб секогаш треба да се бори за трофеите. Имаме млад тим, но тоа не смее да биде оправдување. Нашите млади играчи веќе имаат неколку сезони во нозете и следната сезона е таа во која ќе се бориме за титулата. Не знам дали ќе ја освоиме, но сигурен сум дека ќе се бориме до крајот“, рекол Матиќ и потоа го коментирал успехот на најголемиот ривал, Ливерпул.
„Не смееме повеќе да дозволиме некој клуб да ја освои Премиер лигата на десет или на седум натпревари до крајот на сезоната. Мораме да се бориме до крајот“.
Инаку новата сезона во Премиер лигата ќе започне на 12 септември, претходно Манчестер Јунајтед во Германија ќе се обидат да ја освојат титулата во Лига Европа.