Фудбалерот на Баерн, Нусаир Мазрауи изјави дека е незадоволен од својот статус во клубот. Според германските медиуми веројатно е тој да побара трансфер во летниот преоден рок.
Мазрауи (25) минатата година пристигна во Баерн од Ајакс, а оваа сезона одигра 20 натпревари за клубот од Минхен и акумулираше 1.063 минути во дресот на актуелниот германски шампион.
„Разочаран сум од моменталната ситуација. Бев во првиот тим пред Светското првенство, сега сум здрав и не добивам минутажа. Сега не сум ни втор или трет избор. Прерано е да зборувам за мојата перспектива овде, но тоа не е добро“, изјави Мазрауи по елиминацијата на Баерн во четвртфиналето од Лигата на шампионите од Манчестер Сити.
Манчестер сити го доби четвртфиналниот дво-меч со 4:1. По победата од 3:0 во Манчестер, вчера во Минхен резултатот беше 1:1.