Последни тројца кандидати за наградата „Златно момче“ се Килијан Мбапе, Габриел Жесус и Усман Дембеле, потврди италијанскиот весник „Тутоспорт“.
Мбапе беше една од ѕвездите на преодниот рок, откако дојде во Пари Сен-Жермен на „заем“ од Монако во текот на летото, по пласманот во полуфиналето на Лигата на шампионите и француската титула. 18-годишниот Французин чинеше 180 милиони евра.
Неговиот колега од француската репрезентација, Дембеле, самиот направи голем трансфер, заминувајќи во Барселона за 105 милиони евра, по што се повреди и би требало да се врати на теренот на почетокот на 2018.
Последен кандидат е бразилскиот напаѓач на Манчестер сити, Габриел Жесус, кој одлично се вклопи во тимот на Пеп Гвардиола, и има шест гола во седум настапи оваа сезона.
Победникот, кој ќе го следи Ренато Санчес, кој во моментов настапува во Свонси како позајмен играч од Баерн Минхен, ќе биде откриен на 23 октомври.