Англија ја победи Франција со 6:4 во спектакуларниот натпревар за третото место на Светското првенство во Мајами и го освои бронзениот медал. Англичаните на полувремето водеа со 4:0, но Франција се врати на 4:3 и пропушти неколку стопроцентни шанси за целосен пресврт.
Херој на натпреварот беше Букајо Сака, кој постигна три гола за Англија. Покрај него, во листата на стрелците се запишаа и Деклан Рајс, Џуд Белингам и Езри Конса. За Франција два гола постигна Килијан Мбапе и со вкупно 22 погодоци стана најдобар стрелец во историјата на Светските првенства, бидејќи има еден гол повеќе од Лионел Меси. Мбапе му асистираше и на Бредли Баркола, а стрелец беше и Усман Дембеле.
„Најмногу ми е жал за селекторот“
Навивачите на Франција, но и неутралните љубители на фудбалот, беа шокирани од играта и однесувањето на „триколорите“ во првото полувреме. Коментарите беа дека играле срамно и дека не го почитувале репрезентативниот дрес.
По натпреварот тоа го коментираше францускиот капитен Килијан Мбапе.
„Имаше две сосема различни полувремиња.
Во првото полувреме разбирам зошто некои велат дека се шегувавме, дека не го почитувавме дресот, но би рекол дека едноставно се однесувавме човечки. За жал, тоа не смееме да си го дозволиме. Мислам дека целосно се исклучивме, но Англичаните нè разбудија.
Потоа успеавме да го направиме она што го знаеме – да победиме во второто полувреме, но на крајот не победивме во натпреварот.
Најмногу ми е жал за селекторот. Сакавме нешто да направиме за него, но, за жал, првото полувреме остава впечаток дека сме го изневериле. Но тоа не беше чувството што сакавме да го оставиме. Таков е фудбалот, сакаме да му се заблагодариме на тренерот за сè што направи. Овој натпревар нема да ја наруши легендата на Дидие Дешан.“
„Мојот рекорд? Меси сигурно ќе постигне гол вечерва“
Мбапе не придава големо значење на тоа што со десет гола стана најдобар стрелец на ова Светско првенство, пред Меси со осум, ниту на тоа што барем привремено му го презеде рекордот по вкупен број голови на мундијалите. Аргентинецот вечерва од 21 часот ќе игра во финалето против Шпанија.
„Меси сигурно ќе постигне гол во финалето. Јас само се обидувам да му помогнам на мојот тим да победи.
Постигнувањето многу голови на Светско првенство ви помага да напредувате во одредени аспекти, но повеќе би сакал да не сум најдобар стрелец на сите времиња и да играм во финалето. Убаво е за моето наследство, но денес тоа не ми е најважната работа.“
