Голгетерите на француската фудбалска репрезентација – Килијан Мбапе и Карим Бензема на вечерашниот дуел против Казахстан во рамки на квалификациите за пласман на Мундијалот во Катар се натпреваруваа кој ќе постигне повеќе голови против аутсајдерот.
Првото полувреме му припадна на младиот напаѓач на ПСЖ кој за само 26 минута стигна до хет-трик. Мбапе ги „начна“ Казахстанците во 6. минута.
Веќе во 12. минута беше 2:0, третиот гол го постигна во 32 минута, по втората асистенција вечерва на Коман.
Во второто полувреме се разбуди напаѓачот на Реал Мадрид. Бензема во 55 минута зголеми на 4-0, а во 59 минута ја испрати „петардата“ до Казахстанците.
Нивното шоу го расипа играчот на Јувентус, Рабио со голот во 75 минута за 6-0.
Сепак, до крајот на мечот „петлите“ постигнаа уште два гола. Најпрво Гризман во 84 минута погоди за 7-0, а Мбапе дефинитивно го „доби дуелот“ со Бензема – постигна четврти гола, осми за својата селекција во 87 минута.
Французите на коло пред крајот го заверија пласманот во Катар, па во последното коло кај Финска ќе играат само за својата чест, додека со триумф на Финците тие ќе играат бараж за пласман на СП.
Ѕвездата на Барселона – Мемфис Депај беше на само чекор вечерва да ја завери мундијалската виза на Холандија на гостувањето кај Црна Гора. Тој постигна 2 гола кои ќе беа доволни за „лалињата“ на коло пред крајот на квалификациите како лидери на табелата да им побегнат на конкурентите Турција и Норвешка.
Депај погодоците во Подгорица ги постигна во 25 минута од пенал и во 54 минута. Кога Холанѓаните веќе помислија дека пласираа во Катар, Црногорците со два брзи гола во финишот спречија промоција уште вечерва.
Вукотиќ во 82 и Вујновиќ во 86 минута изборија реми за својата селекција 2-2, а ги оставија Турција и Норвешка во надеж за пласман на Мундијалот.
На коло до крајот двете селекции имаат по 18 бода, а Холандија има 20 и во последното коло во Ротердам ја пречекува Норвешка.
Вечерва и Белгија го завери пласманот на Мундијалот. „Ѓаволите“ лесно со 3-1 славеа против Естонија и на коло пред крајот ги решија дилемите околу учеството на Светското првенство.
Погодоците за Белгија беа дело на Бентеке (11 минута), Караско (53 минута) и Торган Азар (74 минута), додека единствениот погодок за Естонците беше дело на Сорга во 70 минута.
Чекор поблиску до бараж за пласман на СП направи и Велс. На домашен терен со убедливи 5-1 славеа против аутсајдерите Белорусија. Ремзи постигна два гола, а по еднаш прецизно стрелаа Вилијамс, Дејвис и Робертс за 3 бода предност пред конкурентот за пласман во баражот – Чешка на коло до крајот од квалификациите.
Почесниот гол за Белорусите беше дело на Контсевој во 87 минута.