Килијан Мбапе не сакал да говори за негов евентуален трансфер во Реал Мадрид, но пред новинарите не криел дека им се восхитува на Ливерпул.
Од минатото лето Мбапе се поврзува со трансфер во Реал. Ваквите шпекулации се последица на една изјава на Зинедин Зидан кој рекол дека е воодушевен од младиот напаѓач.
„Сите говорат на ова тема, но сега нема да ви одговорам. Јануари сме. Замислите да ви одговорам на тоа прашање. Тоа не би било добро за ПСЖ, јас сум играч на овој клуб. Целосно сум фокусиран на клубот чии дрес го носам, сакам да придонесам за напредокот на клубот. Сега не е време да разговараме за мојата иднина. Кога пристигнав во Париз имав 18 години. Сега сум суперстар. Морам да останам мирен и да се фокусирам само на мојата игра“, рекол Мбапе.
Во еден момент англиските медиуми тврдеа дека и Ливерпул се заинтересирани за неговите услуги. Тие наводи ги отфрли менаџерот Јирген Клоп. Тој тогаш изјавил дека Ливерпул немаат толку пари.
„Она што го прават Ливерпул е неверојатно. Како машина се. Го најдоа ритамот и сега играат. Немаат пораз во домашното првенство. Сега сите им бараат мани за да ги победат“, заклучил Мбапе.