Сагата околу Килијан Мбапе ќе продолжи и во наредниот период. Тоа го најави и фудбалерот. Пред првиот натпревар со Реал, во осмина-финалето во Лигата на шампоините, изјави дека е фокусиран на настапите во ПСЖ и дека по мечевите со Реал ќе донесе одлука каде ќе игра наредната сезона.
ПСЖ и покрај овие изјави на Мбапе не седат со скрстени раце. „Паризиен“ објави дека му понудиле неделна плата од 1.000.000 евра за две годишен договор и бонус од 25.000.000 евра за потпис на договорот.
Реал на оваа финансиска понуда не може да и парира и покрај тоа што биле подготвени да му понудат 1.200.000 евра неделно. Проблем е бонусот што играчот може да го добие од ПСЖ.
„Екип“, повикувајќи се на свои извори, објави дека на последниот состанок, Мбапе на клупските челници им поставил услови.
Првиот услов без проблем ќе го исполнат. Мбапе побарал да стана играчот со најголема плата во светот на фудбалот.
Вториот услов бил клубот да ја подигне на повисоко ниво сериозноста, односно да им ја намали „слободата“ на некои играчи. Односот што го имале некои играчи кон клубот и играта не му се допаѓал на Мбапе.
Третиот услов е да го продолжи договорот до 2024 година, со опција да може да си замине и во летниот преоден рок во 2023 година.
И на крајот Мбапе сакал да биде број 1 во клубот и на теренот, односно да биде заштитно лице на проектот и прва ѕвезда.
Килијан Мбапе е играч на ПСЖ од 2017 година. Клубот за неговиот трансфер од Монако издвои 180.000.000 евра.